Во Скопје и натаму тешко се дише
Во Скопје, но и во неколку градови во земјава и натаму тешко се дише поради високите концентрации на загаден воздух. Иако во сила се привремените мерки на владата за ублажување на последиците, сепак досега ефектот не е постигнат, ниту е пронајден изворот на аерозагадувањето...

Скопскиот воздух и денеска со вкус и мирис. Проблемот го отежна и густата магла. Загадувањето стана хроничен проблем на градот. Од вчера, надлежните го вклучија алармот, стапија во сила итните мерки против аерозагадувањето.
И намалениот интензитет на сообраќај за време на празниците не го олесни дишењето во Скопје, напротив, македонската метропола и натаму рангирана меѓу најзагаданите во светот. Граѓаните се заштитуваат со маски и витамини, но и покрај тоа, велат- тешко се дише.
Додека се анализира кој го загадува Скопје, единствено во оваа ситуација може да помогне ветерот, но синоптичарите велат дека маглата и сувото време ќе се задржат и утре. Дожд и снег најавуваат од четврток.
Од Државниот инспекторат за животна средина за МТВ велат дека инспекторите се на терен и прават контроли на сите правни и физички лица кои се потенцијални загадувачи. Инспекторите на Градот Скопје, пак во текот на изминатиов месец по извршените контроли на терен изрекле четири казни за палење отпад.
Дополнително во тек се и вонредни и зачестени контроли, а според последниот извештај на Градот Скопје засега нема казнети, бидејќи не констатирале отстапување од пропишаните услови- стои во соопштението до медиумите.
И од Сојузот на синдикати на Македонија со апел да се почитуваат мерките на Владата, а институциите да ги спроведат мерките докрај.
Викторија Милевска
