Нова рунда разговори за името на 17-ти јануари во Њујорк
„2018-та година претставува историска шанса за надминување на недоразбирањето за употребата на името на нашата земја- да не ја пропуштиме“. Ова е изјава на вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи по средбата со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Констатирале дека има напредок во комуникацијата меѓу двете земји. Новата рунда разговори за спорот ќе се одржи на 17-ти јануари во Њујорк...

Новата рунда разговори за разликата за името ќе се одржи на 17-ти јануари во Њујорк, меѓу посредникот Метју Нимиц и претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис. Теренот се подготвува. Вицепремиерот Бујар Османи по средбите во Атина со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос изјави дека имаме историска шанса да ставиме точка на прашањето со името.
„2018-та година преставува историска шанса за надминување на недоразбирањето околу употребата на името на нашата земја. Како политичари кои ја добиле довербата да ги предводат своите граѓани, имаме обврска да покажеме зрелост и сериозност и да не ја пропуштиме оваа шанса“, изјави Османи.
Вицепремиерот за европски прашања со своите грчки домаќини констатирале дека има исклучителен напредок во комуникацииите меѓу двете соседни земји и најави дека во наредниот период ќе се засилат мерките за градење доверба во економијата, културата, образованието, екологијата, меѓуграничната соработка, енергетиката и во траспортот.
Од грчкото МНР за МТВ изјавија дека е правило разговорите за името да се одржуваат со минимална медиумска покриеност. Шефот на грчката дипломатија Коѕијас пред посетата со Османи изјави дека Грција е за сложено име со географска одредница, појаснувајќи дека коалицискиот партнер и министер за одбрана Панос Каменос се противи на употребата на терминот Македонија на грчки јазик.
Според Коѕијас, во Грција не е потребно распишување на референдум за евентуалното решение за името.
Ирина Гелевска
