Касами тврди- во БЕСА нема раскол, Карамани вели дека добива закани по живот
Биљал Касами тврди- во партијата нема раскол. Најави дека тој повторно ќе се кандидира за претседател на БЕСА. Ги повика заинтересираните сопартијци да поднесат кандидатури за функцијата притоа да го почитуваат статутот. Неговиот најголем ривал, Неџбедин Карамани информира дека добивал закани по животот, по најавите дека ќе застане на чело на движењето...

Нема раскол и нема две движења БЕСА, тврди Биљал Касами. За внатрепартиските случувања рече дека станувало збор за лични интереси и амбиции на членови кои сакале да се наметнат во партијата. Ги охрабрува да се држат до статутот. Потврди дека и тој ќе биде во трката за лидер на партијата. Демантира дека во партиското седиште во Скопје влегол насилно. Останува на чело на БЕСА, бидејќи како што рече, така било решено на последниот состанок во Тетово. Прашан каде е партискиот печат, вели дека не се борат за него.
Касами додаде дека средбата со премиерот Заев била договорена претходно. Негира дека е поврзана со настаните во партијата. Пратеникот и според скопското крило, привремен претседател на партијата Неџбедин Каремани, во Собранието изјави дека имал закани по неговиот животот. Ги знае, вели, оние што му се заканувале, ги пријавил во полиција, а ќе го известел и меѓународниот фактор.
Она во што се согласуваат Касами и Каремани е дека нема скопско и тетовско крило, дека движењето БЕСА е едно. Сепак, и натаму е нејасно, кога партијата ќе одржи конгрес. Централниот совет што се одржа во Скопје, го разреши Касами од лидерската позиција и избор на нов закажа за 21-ви февруари, а на состанокот во Тетово беше заклучено Касами да ја води партијата сѐ дека највисокиот партиски орган не избере нов лидер на 24-ти февруари.
Наташа Гркова- Петрушевска
