Поларен студ и свлечишта во Европа и САД
Илјадници туристи во Швајцарија го прекинаа зимскиот одмор порано од планираното поради снежното невреме. Издадени се предупредувања за лавина во неколку скијачки центри. Снегот предизвика проблем и во други европски земји. Во Калифорнија, свлечишта и поројни дождови кои одзедоа десетина човечки животи...

13.000 туристи останаа заглавени во познат скијачки центар во Швајцарија каде што снежната бура беше проследена со силен ветер. Поради времениот прекин на железничкиот сообраќај, дел од посетителите во Зермат инсититраа да бидат евакуирани. Патиштата се целосно блокирани, а локалните власти предупредија дека постои опасност од лавина на неколку локации.
„Сообраќајот е во прекин, па ги чистиме шините постојано за да не се направи голема снежна покривка. Внимаваме и на појава од лавини.“
За ралзика од оние кои прерано го прекинаа зимскиот одмор, туристите кои допрва доаѓаат во Зермат не гледаат ништо лошо во малку повеќе снег.
„Дојдов да скијам, ќе останам една и пол недела. Не очекував дека ќе се случи вакво нешто. Но мене ми се допаѓа снегот. На планините во Швајцарија треба да има снег, добро е за љубителите на зимските спортови.“
Слична е состојбата и на италијанските Алпи кои се полни со странски и домашни посетители во јануари.
Во францускиот дел од Алпите исчезна британски скијач. Дебела снежна покривка и поларни температури и во делови од Германија.
„Со години доаѓам наваму, ама никогаш не се случило ова. Фино изгледаат скулптурите од мраз, ама опасни се за возилата.“
„Ме изненади малку. Досега не сум го видел автомобилот вака смрзнат. Ова не е вообичаено за мене.“
Сончевата Калифорнија се соочува со поројни дождови и свлечишта. Регистрирани се 13 смртни случаи, и над 160 приеми во болничките одделенија. Полицијата добила и дојава за заробена група источно до Санта Барбара.
Невремето резултира со голема материјална штета. Во погодената област се наоѓа и вреден имот на Опра Винфри. Илјадници жители на Калифорнија си заминаа од домовите втор пат во два месеца.
Маја Филдишев
