Разговори за името

Предлог постои, треба да се финализираат деталите за решението

10.01.2018 14:37

„Предлог постои, треба да се финализираат деталите за решението“- претпоставка на поранешни македонски амбасадори во пресрет на новата рунда преговори за името. Нано Ружин смета дека земјава треба да најде солуција со која- и ќе го задржи иднетитетот, и ќе ѝ овозоможи членство во НАТО и во Европската унија. Според Ристо Никовски, за договорот референдум мора да има...

Пред новата рунда разговори за разликата за името, македонските дипломати оценуваат дека веќе постои предлог и дека треба само да се финишираат деталите за решението. Според нив, нормално е секогаш да има незадоволни на двете страни.

Битно е Македонија да најде една солуција којашто ќе ѝ овозможи од една страна да го сочува идентитетот, а од друга да ѝ овозможи со таа солуција да влезе како членка на НАТО и да почне преговори за Европската унија“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин.

„Не треба да има никаков сомнеж дека во чантата на медијаторот има конкретен предлог кој веќе и се најавува. По обичај, нас ни доаѓа од Грција, Албанија или од некои трети земји, и по сѐ изгледа дека тоа се концентрира на Нова Македонија, што е најлошото решение од сите што досега биле спомнати“, смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.  

Никовски вели дека референдум мора да има пред конечното решение, додека Ружин е со став дека граѓанското изјаснување треба да биде по решението пред приемот на македонија во НАТО и ЕУ.

„Би било многу ризично веднаш да се одржи референдум. Претпоставувам дека референдум би требало да се одржи некаде во моментот кога Македонија би требало да стане членка на Европската унија, бидејќи тоа е сѐ уште недефинирана опција“, смета Ружин.

„Мислам дека референдум треба да има и кој не може да одлучува, најмалку Собранието чиј состав знаеме каков е, да одлучува за историјата, меморијата, судбината на еден народ“, вели Никовски.

Медијаторот Метју Нимиц ја закажа новата рунда преговори на 17-ти јануари во Њујорк. На последната средба со претставниците на Македонија и Грција во Брисел побара поголема динамика на разговорите и средби во јануари, февруари и во март.

Ирина Гелевска