ХРАНА

Во Македонија не се увезени спорните еко-кашички на „ДМ“

10.01.2018 15:39

Германски „ДМ“ повлече од продажба серија бебешки кашички од јагода, малина и јаболка од 190 грама. Имало остатоци од средство за миење што содржи хлор. Наведениот производ го нема во Македонија. Сепак, компанијата советува- ако е набавен во друга држава да не се користи и да се врати во дрогериите...

Германскиот синџир продавници „ДМ“ превентивно ги повлече од пазарот еко-кашичките од јагода, малина и јаболка со нето-тежина 190 грама, наменети за деца постари од четири месеци. Во соопштението на „ДМ“ се наведува дека при контрола на еден од производите е утврдено присуство на остатоци од средство за миење што содржи хлор.

Решено е производот да се повлече од продажба бидејќи не се знае дали и во другите теглички има зголемено ниво на хлор. Ова е последица на користењето хлорна вода при дезинфекција на апаратите за обработка на овошјето.

Зголеменото внесување на хлор во еден ден може да ја ограничи способноста за внесување на кислород во крвта, како и да предизвика пречки при процесот на ширење на јодот во организмот, информира „ДМ“.  

Во соопштението од „ДМ“ дрогериите во Македонија велат дека квалитетот и сигурноста на производите, како и безбедноста на потрошувачите се нивен најголем приоритет. Затоа ги замолуваат потрошувачите кои го имаат купено спорниот производот во која било земја каде што е присутен „ДМ“, истиот да не го користат и да го вратат во „ДМ“ дрогериите во Македонија, без разлика дали е отворен или не. Спорниот производ ќе биде заменет со нов или парите ќе бидат вратени во целост, информираат од „ДМ“.

Во Македонија не се увезени еко- кашичките што ги повлекува маркетот „ДМ“, информира Агенцијата за храна и ветеринарство. Според Агенцијата, производството, увозот и ставањето во промет храна за доенчиња и мали деца во Македонија подлежи на посебен режим на одобрување.

Согласно со Законот за безбедност на храна, обврска на операторите со храна е да вршат задолжителни лабораториски испитувања на производите со кои ќе ја потврдат безбедноста. Од АХВ додаваат дека ќе ја следат состојбата со повлекувањето на кашичките во Германија, и доколку има потреба соодветно ќе реагираат.

Наташа Јанчиќ