Аналитичари: Политичката криза стагнира, политичката клима не се подобрува
Ниту политичката криза се продлабочува, ниту политичката клима се подобрува- аналитичари за внатрешните случувања. Велат дека е рано да се зборува за предвремени парламентарни избори во брзо време. Според нив, таков потег уште повеќе би ги закочил реформските процеси...

Дел од законите закочени во Собранието поради немање кворум за гласање, опозицијата не учествува во работата на Парламентот. Политичката криза стагнира, не се продлабочува, а политичката клима не се подобрува, сметаат аналитичарите Арсовски и Божиновски.
„Решавање на името, но и исполнување на реформите кои што се очекуваат од нас, пред се во судството, јавната администрацијата и медиумите. Сега е таа шанса, оваа година, ако сега не успееме тоа да го решиме, ако политичарите не смогнат сили да го решат овој проблем, тогаш следната шанса ќе биде за 2-3 години, а тогаш веќе ќе биде и доцна“, смета аналитичарот Владимир Божиновски.
И Божиновски и Арсовски сметаат дека е рано да се говори за предвремени парламентарни избори во брзо време. Токму тие, велат, ќе ги закочат реформските процеси.
„Ќе биде голем притисокот на меѓународната заедница, а и на домашната политичка сцена, да ги завршат прво итните реформски приоритети и да ја искористат шансата која ни е дадена за некаков пробив во евроатлантските интеграции. Кочници постојат, но тоа не значи дека ние треба да се откажеме пред време“, смета аналитичарот Петар Арсовски.
Познавачите на приликите се согласни дека политичките елити е потребно да седнат на заедничка маса.
„Можеби е време за нова лидерска средба. Прашањето е дали новото политичко раководство на ВМРО-ДПМНЕ е подготвено на таков чекор и дали има доволно политичка волја и време таа да се направи“, вели Арсовски.
„Да се постигне компромис, пред се помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи реформите не можат да се спроведат без учество на ВМРО-ДПМНЕ. Но како што кажа и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, довербата и подадената рака треба да биде во двата правци“, додава Божиновски.
Треба да се почека во која насока ќе одат работите во следните недели, велат аналитичарите, но и состанокот во Давос кој ќе ги дефинира изгледите на земјава за интегрирање во евроатлантските процеси.
Миле Ристески
