Престануваат да важат вонредните мерки против аерозагадувањето

10.01.2018 16:35

Од утре престануваат да важат вонредните мерки против аерозагадувањето. Меѓу нив е и бесплатниот автобуски превоз. Надлежните велат- среднодневните концентрации на штетните микрочеститчки се под дефинираниот праг за алармантност. Во тек е акција за чистење улици.

Од утре престануваат да важат мерките кои ги воведе Владата за намалување на ефектите од аерозагадувањето. Прагот на ПМ 10 честички од 200 микрограми е надминат на само едно мерно место во Скопје, а УХМР прогнозира подобрување на временските услови, соопшти заменикот министер за животна средина Јани Макрадули.

На брифингот со новинарите, градоначалникот на Скопје, Шилегов вели дека проблемот со загадувањето е мултикомплексен, а депонијата „Дрисла“ има делумен удел, но не е главен загадувач на градот. По вонреден инспекциски надзор и по допис од Министерството за животна средина од 1-ви јануари депонијата не работи, а од 8-ми месецов престана да работи и УСЈЕ. Според првиот човек на градот, главен загадувач се домаќинствата, а во борбата против загадувањето свој придонес треба да имаат сите.

Шилегов и Макрадули потврдија дека во април во „Дрисла“ ќе биде донесен нов инсенератор за горење медицински отпад во депонијата, додека се случи тоа на стариот ќе му бидат поставени водени филтри, и според надлежните нема радијација на просторот на депонијата.

Министрите за животна средина и здравство утре ќе решаваат по однос на нивната заедничка иницијатива здравствените установи сами да го третираат медицинскиот отпад.

Шилегов вели дека едно од решенијата е гасификацијата, создавање на фабрики за третирање отпад. Дополнително потенцијалните загадувачи ќе се бараат со дронови за што Градот Скопје ќе распише тендер. Градоначалникот очекува мерките против загадувањето постепено да дадат ефекти.

 

Викторија Милевска