Измените на Законот за пушење ќе одат на пленарна седница во Собранието
Со четири гласа „воздржани“ и два „против“ собраниската Комисија за здравство го проследи на понатамошна постапка, на пленарна седница во Собранието, Предлог – законот за изменување на законот за пушење. Целта на измените е бришење на дел од еден став од Законот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителскиот објект. Од неговото донесување во 1995-та досега овој закон бил менуван дури осум пати...

Измените на Законот за пушење ќе одат на пленарна расправа во законодавниот дом. Предлогот е од СДСМ и од ДУИ. Претседателката на матичната комисија, иако доаѓа од редовите на интегративците, гласаше против.
Рече дека низ дебатата имало можност да се чујат сите страни и секој да го изнесе својот став. Против предлогот гласаше и Горан Милевски од ЛДП. Тој смета дека забраната за пушење не ги намалила прометот и посетеноста на кафулињата, кафеаните и казината.
Новото законско решение нема многу да ги промени работите во угостителството, смета пратеничката Јагода Шахпаска од СДСМ. Таа посочи дека 670 илјади луѓе во земјава или 37 проценти се пушачи.
Измените на Законот за заштита од пушењето во Собранието одат по скратена постапка.
Ана Јосифоска- Тодоровска
