Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците
Собранието со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата, за нив решението е неуставно. ДУИ порачува- ако Иванов стави вето, повторно ќе го гласаме...

Со 69 гласа „за“, Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците. Освен пратениците од парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ, виза дадоа и народните избраници од БЕСА и од Алијансата на Албанците.
Од партијата на Ахмети велат дека конечно се заокружува Рамковниот договор во делот на колективните права на Албанците што ќе придонесе до релаксирање на меѓуетничките односи.
Од БЕСА рекоа дека иако имале забелешки на Законот, тој сепак обезбедува значајно унапредување на употребата на албанскиот јазик во државните институции.
Реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека законот за двојазичност кој го изгласало парламентарното мнозинство е неуставен.
„Законот за двојазичност не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, туку ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество. Законот ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно ниво, така и на локално ниво“, пишува во дописот од ВМРО- ДПМНЕ.
Со новиот Закон, се предвидува, меѓудругото, албанскиот јазик да биде службен јазик во сите државни институции, јавни претпријатија, агенции, фондови и установи.
Игор Панов
