Политика

Засилена дипломатска агенда

15.01.2018 10:04

Неделава е со набиена агенда на дипломатски активности. Во Њујорк средба на преговарачите Наумовски и Василакис со медијаторот Нимиц за името. Во Македонија доаѓа генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Во законодавниот дом на дневен ред е Предлог- законот за ратификација на договорот со Бугарија...

Засилена дипломатска агенда за евроатланските перспективи на Македонија. Во среда медијаторот Метју Нимиц, на нова рунда преговори за името со Наумовски и Василакис. Се очекува на маса да постави рамка со која суштински ќе се напредне во решавањето на спорот.

Пред новата рунда разговори, македонските дипломати оценуваат дека веќе постои предлог и дека треба само да се испеглаат деталите. Според нив, нормално е секогаш да има незадоволни на двете страни. На 17-ти и 18-ти пак, во посета на Македонија доаѓа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. На последната средба во Брисел со премиерот Заев, Столтенберг порача дека вратата на НАТО останува отворена.

„Не треба да има никаков сомнеж дека во чантата на медијаторот има конкретен предлог, кој веќе и се најавува“, смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски. 

„Практично после еден маратон се трчаат последните 100 метри- ќе доде до заеднички прифатливо решение“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин.

По средбата во Атина на вицепремиерот Бујар Османи со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и алтернативниот министер Јоргос Катругалос, со оптимизам, дека имаме историска шанса да ставиме точка на проблемот.

На тајна средба во Солун беа и шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас. Димитров рече дека сѐ уште нема предлог за решавање на спорот со името, но медијаторот Нимиц бил охрабрен да излезе со првична рамка уште следната недела.

Решавање на разликата за името, но и исполнување на реформите кои се очекуваат од нас, сметаат познавачите на состојбите. Велат, сега е шансата, која не треба да се испушти.

„Ќе биде голем притисокот на меѓународната заедница, а и на домашната политичка сцена, да ги завршат прво итните реформски приоритети и да ја искористат шансата која ни е дадена за некаков пробив во евроатлантските интеграции“, смета аналитичарот Петар Арсовски.

„Доколки, се разбира, сето тоа се одвива во посакуван правец, ние можеме да очекуваме покана за НАТО, и се надевам почеток на преговори со ЕУ“,смета аналитичарот Владимир Божиновски.

Предходница на сето ова е утрешната собраниска седница на чиј дневен ред е предлог- законот за ратификација на договорот за добрососедство со Бугарија, кој е веќе ратификуван во бугарското Собрание. Утре пак бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Петков пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања ќе ги презентира програмата и приоритетите за работата на претседателствувањето во наредните шест месеци.

 

Наташа Гркова- Петрушевска