Утре средба за Северна Кореја во Ванкувер

15.01.2018 10:08

Уште една средба во демилитаризираната зона на Корејскиот полуостров. За разлика од минатонеделните разговори на високо ниво, овој пат претставниците од двете Кореи ги анализираа работните планови за олимпискиот тим од Пјонгјанг кој ќе учествува на зимските игри идниот месец. Во Канада, закажана уште една средба фокусирана на Корејската криза.

Во канадскиот град Ванкувер на 16 јануари ќе биде одржан состанок на министрите за надворешни работи на кој ќе се разговара за Северна Кореја. Домаќин на средбата ќе бидат шефовите на дипломатиите на Канада и на САД. Предвидено е присуство на делегации од многу европски и азиски земји, со исклучок на Кина и на Русија. Како можна причина за отсуството, медиумите наведуваат две сценарија. Според првото, земјите не биле поканети од официјален Вашингтон, а според второто, претставниците ја одбиле поканата од Канада.

Властите на американскиот континент се во голема неизвесност поради усовршувањето на севернокорејската нуклеарна програма и развојот на балистички проектили, кои се сериозна закана за глобалниот мир.

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Кина Лу Канг смета дека средбата ќе предизвика повеќе штета отколку корист, бидејќи ќе формира длабока поделеност во меѓународната заедница.

Во меѓувреме, претставници од двете Кореи закажаа средба за анализа на плановите за праќање на спортски тим во јужниот дел од полуостровот за време на Зимската олимпијада. Воведните реченици на делегатите со оптимистчка симболика за престојните игри.

„Времето е многу топло и пријатно, иако не очекува голем студ. Мислам дека пролетта побрзо ќе дојде годинава. Временскиот период кога нашиот тим ќе стигне на југ е соодветен. Се ќе биде расцветано и полно со топлина“, изјави Квон Хјок Бонг, делегат од Северна Кореја.

„До денеска чувствувавме студ. Како што се очекува затоплување на временските услови, така предвидувам добри резултати од овие разговори. Мислам дека пријатната атмосфера придонесува за остварување на оваа цел“, изјави Ли Ву- Сунг, делегат од Јужна Кореја.

Од јужнокорејското Министерство за обединување изјавија дека разговорите со власта од Пјонгјанг во однос на соединувањето на разделените семејства продолжуваат откако ќе биде регистриран дополнителен прогрес во релација север-југ.

 

Маја Филдишев