Францускиот печат за спорот со името

15.01.2018 10:33

Францускиот печат повторно со интерес го следи спорот со името меѓу Македонија и Грција и неговото евентуално решение. Тој е присутен во повеќе француски дневни весници, но и на француското радио Франс Интер од јавниот сервис.

Француските дневни весници започнаа да пишуваат за спорот околу името на Република Македонија, по зачестените средби меѓу претставниците на македонската и грчката влада.

На пример Ла Кроа насловува „Нова надеж за име на Македонија“, Уест Франс „Користење на името Македонија, Атина верува во решение во 2018-та“,  Хуманите- „Конечно, ќе има ли крај за конфликтот околу името на Македонија?“. Во специјалниот коментар на националниот јавен сервис радиото Франс Интер се смета дека ова е „најсмешниот конфликт кој спротиставува две европски демократии – Скопје и Атина.“

Во сите статии се вели дека за решението за конфликтот, кој трае веќе 25 години, од независноста на Македонија, дискусиите беа замрзнати од двете страни од пред три години. Надежта за решение на спорот, според Хуманите е поради промената на власта во Македонија и сега „конструктивното однесување на Атина која сѐ досега блокираше“.

Жак Рупник, француски специјалист за Балканот во Ла Кроа оценува дека „сите обиди за решение за името неуспеаа поради грчкото вето, по што, Македонија која беше примерен ученик и која доби статут на земја кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, направи националистички пресврт по одбивањето на Грција да ја остави да влезе во НАТО“.

Францускиот печат, ја пренесува изјавата на Алексис Ципрас дека „во мера кога има споделена волја, можат да бидат направени чекори кон едно решение“. Франс Интер кој на почетокот од освртот прави резиме на конфликтот, смета дека „по распадот на Југославија, Македонија логично требаше да се вика Република Македонија. Освен што логиката е отсутна во регионот. Грција се спротиставува на тоа име и има средства за притисок.

Францускиот печат, притоа, шпекулира и околу можното решение: „Северна Република Македонија според Франс Интер не била по вкус на грците, бидејќи тоа значело дека има и една друга на југ. Но напротив, би можело да биде Нова Македонија“, заклучува францускиот јавен сервис.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ