Нимиц: Постои позитивен моментум за прашањето за името

15.01.2018 12:27

Има позитивен моментум меѓу Скопје и Атина, изјави медијаторот Метју Нимиц утрово во разговор за грчката телевизија ЕРТ. И двете страни препознаа можност да се најде решение за повеќе годишното прашање, изјави Нимиц без притоа да влезе во коментирање на бројните предлози со кои лицитираат медиумите последниве денови, во очекување на новата средба на медијаторот со амбасадорите Наумовски и Василакис...

Медијаторот Метју Нимиц в среда во Њујорк нема да стави нов предлог за името на маса. Тој во интервју за грчката ЕРТ вели дека ќе претстави предлог- идеи за кои се зборувало и во минатото. Според специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, постои позитивен моментум за прашањето за името и смета дека владата во Скопје е заинтересирана да го затвори прашањето.

„Мислам дека и грчката Влада исто така препознава дека ова е добар приод и добар чекор за грчката надворешна политика во регионот, да најде решение, за долгогодишното прашање. Од овие причини постои позитивен моментум меѓу двете земји. Мислам дека граѓаните во двете земји можеби се подготвени да слушнат одредени солуции, што се од нивни заеднички национален интерес, но исто така дека има одреден компромис тоа да се реши“, изјави медијаторот Нимиц во интервјуто.

Нимиц не ги коментира предлозите со кои изминатите денови се лицитираше во медиумите, особено оние од грчката страна. Во интервјуто за ЕРТ наведе дека во последните 20 години, многу предлози биле на маса. Со преговарачите Наумовски и Василакис очекува добра дискусија.

„Ќе земам елементи коишто ги слушнав од двете страни. Не сум дал идеи во последниве неколку години, не беше соодветно со оглед на тоа што се случуваше. Но, сега мислам дека имаме добри преговарачи. Амбасадорот Василакис е искусен и добар познавач на проблемот. А и Наумоски е доста конструктивен дипломат, како и неговиот колега, така што ќе испробаме неколку идеи“, вели Нимиц.

На новата рунда разговори и претходеше средбата меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас во Солун. Во заедничкото соопштение од двете министерства за надворешни работи беше наведено дека очекуваат Нимиц да претстави иницијална рамка за суштински напреок во надминувањето на разликата околу името. Исто така, Димитров и Коѕијас се согласија да имаат подиректна улога во самите разговори.

Анита Димитријевска