САД

Трамп: Јас не сум расист

15.01.2018 13:16

„Јас не сум расист“- порача американскиот претседател Трамп, негирајќи ги тврдењата на сенаторите дека користел недостојни имиња за одредени држави. Следната недела се навршува една година откако Доналд Трамп го презеде раководењето со Соединетите Американски Држави...

„Јас не сум расист“- изјави американскиот претседател Доналд Трамп, одговарајќи на новинарски прашања во својот голф клуб на Флорида. Според медиумите, Трамп се брани откако беше обвинет дека на состанокот во Белата Куќа користел вулгарни зборови кога ги опишувал Хаитите и други африкански земји.

„Јас сум најмалку расистички настроената личност со која некогаш сте разговарале“, изјави Трамп.

Трамп истакна дека тој не ги изрекол скандалозните зборови што му ги припишуваат поедини сенатори. Ваквото тврдење го подржаа и членот на Горниот дом на Конгресот, Дејвид Пердју, републиканец од Џорџија, кој тврдеше дека Трамп не користел вулгарни изрази на адреса на имигрантите од Африка и од Хаити, како и сенаторот републиканец, Том Квартето од Арканзас, кој рече дека не го слушнал Трамп да употребува навредливи изрази.

Републиканецот Линдзи Греам, во четвртокот изјави дека Трамп користел вулгарни изрази на средбата во Овалната соба на Белата куќа, посветена на изнаоѓање на решение за прашањето со 800-те илјади имигранти кои дошле илегално во САД како деца.

Претседателот на САД рече дека е „подготвен и способен“ да постигне договор за заштита на овие луѓе. Трамп минатата седмица го нарече судскиот систем на САД „неправеден“, откако федерален судија ја осуети неговата намера да ја прекине програмата - одложување на депортацијата на имигранти, прошверцувани нелегално во земјата, кога биле деца, од страна на нивните родители.

Инаку следната недела се навршува една година откако Трамп ја презеде функцијата претседател на САД. Според анкетите, мнозинството Американци сметаат дека забелешките на претседателот за Хаити, Ел Салвадор и Африканцките нации се несоодветни.

70 проценти од граѓаните велат дека поддржуваат да им се дозволи на децата на имигрантите без документи да останат во земјата. Дополнително, анкетите покажуваат дека 35 проценти од Американците сметаат дека земјата е во подобра состојба сега отколку пред една година, додека пак, 43 проценти сметаат дека е полошо. 21 процент изјавиле дека нештата не се промениле.

Марина Ристова