Бугарско претседателство со ЕУ

Потребни се видливи резултати за напредок во евроинтеграциите

15.01.2018 14:30

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Великов Петков пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања ги презентира програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Европската унија во првата половина од годината. Порача дека Софија очекува за време на нејзинот мандат Македонија да добие покана за почнување преговори за членство во ЕУ. Евроамбасадорот Жбогар потсети дека очекува видливи резултати и неповратни промени...

Бугарија ја поддржува европската перспектива и напорите на Владата, на сите институции и опозицијата, да ја постигнат својата стратешка цел за време на бугарското претседателство, да ги исполнат неопходните услови за добивање на покана за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ- истакна бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Иван Великов Петков на седницата на комисијата за европски прашања.

„Тоа е можно врз база на реалниот успех во спроведување на пакетот на неодложни реформи во приоритетните области и со решавањето на отворените прашања во согласност со договорот од Пржино и препораките на Прибе“, рече амбасадорот Петков.

За таа цел е и Самитот за проширување на ЕУ на 17-ти мај, на кој официјална Софија, ќе се обиде да обезбеди компромис и единство од останатите држави членки за европската иднина на Западен Балкан како врвен приоритет на нивното претседателство.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, очекува од земјава во овој период да оствари видливи резултати и неповратни промени.

„Напредокот ќе биде измерен според имплементацијата на договорот од Пржино и идните реформски приоритети, како и добрососедските односи“, нагласи евроамбасадорот Жбогар.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, јануари и февруари се клучни месеци во кои Владата, Собранието, судството треба да покажат видливи резултати за да се обезбеди чиста препорака од Европската комисија за почеток на преговорите.

„Секој вид на опструкција на овој процес во овие одлучувачки, преломни моменти претставува опструкција на нашата иднина како држава. Доколку во овој период не оствариме видлив напредок во нашите реформи и во нашите односи со соседите во преговорите за името, верувам дека ќе го заслужиме долгоочекуваниот датум за почеток на преговори“, смета вицепремиерот Османи.

Приоритети на бугарското претседателство со ЕУ кое ќе се одвива под мотото „Обединувањето ја прави силата“ се иднината на младите, европската перспектива за земјите од Запден Балкан, сигурноста и стабилноста и способности ориентирани кон идинината. 

 

Марина Стојанова- Тонева