Ратификуван договорот со соседна Бугарија
Со 61 глас „за“ и само еден „воздржан“, пратениците го изгласаа Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу нашата земја и Република Бугарија. Законодавниот дом на источниот сосед, ратификацијата ја заврши пред Новогодишните празници...

Собранието го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Шефот на дипломатијата, Никола Димитров рече дека е факт оти тешки и деликатни прашања многу тешко се договараат со идеален текст, и додаде дека двете страни не се целосно среќни со текстот.
Според него, Македонија и Бугарија излегле од рововите и се обрзуваат да развиваат сестрани односи меѓу себе, да соработуваат во евроатланската интеграција, да создаваат потесни економски, трговски и туристички врски, да организираат заедничко чествување на одредени историки настани, се залагаат да не поттикнуваат дејства насочени против другата страна.
Пратеници од мнозинството рекоа дека документот ќе ги зајакне односите на билатерален план. Ратификацијата на Договорот со Бугарија доби поддршка од 61 пратеник. Независниот Ферид Мухиќ беше воздржан.
Се огласи Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму велат- со ратификацијата е потврдена волјата за добрососедски односи. Стратешки избор на Софија е да ја поддржува европската интеграција на Македонија. Документот го прави регионот пообединет и посилен.
Договорот меѓу Македонија и Бугарија беше потпишан на 1-ви август во Скопје, од премиерите Заев и Борисов.
На пленарната расправа во Собранието не учествуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Игор Панов
