И Црквата ќе плаќа данок во Хрватска

21.02.2014 12:01

Суштината е досегашниот систем на оданочување да се прошири и на непрофитабилните организации. Притоа, посебно се апострофирани црквата и спортските друштва, кои досегашната даночна легислатива ги заобиколуваше...

Во Хрватска иницијатива на министерот за финансии Славко Линиќ, е процесирана во Собранието. Суштината е досегашниот систем на оданочување да се прошири и на непрофитабилните организации. Притоа, посебно се апострофирани црквата и спортските друштва, кои досегашната даночна легислатива ги заобиколуваше. Со новиот закон даночно ќе бидат третирани сите непрофитабилни организации што имаат годишен промет над 30 илјади евра. 
 
Се воспоставува и категоризација на организациите  според  која тие што имаат промет над милион евра ќе се соочат со сериозни ревизорски проверки и постапки, што досега не беше случај. Новиот закон остава разработено поглавје во кое прецизно се толкува дека непрофитабилните организации, пред сѐ црквата и спортските друштва, доколку прават годишен финансиски промет над пропишаните норми, имаат право и обврска да направат фирма, која би функционирала според позитивните финансиски и даночни прописи, иако е оставен и простор за извесни олеснувања, кои би се наметнале во идната практика.

Голем дел од јавноста процесирањето на новиот закон за оданочување го прими со одобрување, бидејќи енормните приходи на црквата и на другите непрофитабилни организации во Хрватска веќе долго се под лупа на финансиските
институции.