Данев: Договорот со Бугарија е асиметричен и на штета на Македонија

15.01.2018 15:16

Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е оштетената страна со овој меѓународен договор.

Власта, спротивно на интересите на граѓаните, без присуство на опозицијата, го ратификуваше Договорот со Бугарија, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, документот е асиметричен во однос на правата и обврските што произлегуваат од него. Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е оштетената страна со овој меѓународен договор.

Договорот има сериозни пропусти и истиот не го дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност. Македонија своеволно се откажа и од македонското малцинство оставајќи илјадници луѓе на цедило. СДСМ со овој договор сам го негира постоењето на македонскиот јазик и дозволува истиот да биде ословуван како јазикот според Уставот. Власта дополнително се согласи на промена  во учебниците по историја  на база на проценка на интервладина политичка комисија. Ова е надвор од здравиот разум и принципите на науката, изјави Драган Данев на денешната прес- конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, рече тој, овозможи со овој договор, Република Бугарија да нѐ блокира на секој чекор кон ЕУ, доколку тие оценат дека одреден дел од договорот не е исполнет. Тоа се дополнителни  проблеми и последици за Македонија- нагласуваат од опозициската партија.