Бојкот во градинката „Кочо Рацин“ поради промена на воспитувачка
Родители најавуваат бојкот во градинката „Кочо Рацин“ поради промена на воспитувачката. Велат, со ваквата постапка е нарушен правилниот психо-физички развој на децата. Од општината добиле одговор дека директорката има право да го преместува кадарот. Првата детска амбасада „Меѓаши“ им даде поддршка...

Поради необразложено отстранување на воспитувачката од првата мала група во градинката „Кочо Рацин“ во општина Центар, родителите реагираат до институциите и бараат нејзино враќање. Според нив, со прераспределување на воспитувачката, директорката го нарушува психо-физичкиот развој на децата. Родителите реагирале до надлежните, од општината добиле одговор дека директорката има право да го преместува кадарот. Првата детска амбасада „Меѓаши“ им даде поддршка на родителите.
Од Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение информираат дека министерството е надлежно за давање согласност за вработување, додека самото вработување и распределување на кадарот е надлежна општината, односно директорот на установата за детска заштита.
Министерството може да реагира само во случај кога се прекршени одредбите од Законот за заштита на децата, каде што децидно се наведени случаите, кога е сторена повреда во делот на заштитата на децата згрижени во установата.
Наташа Јанчиќ
