Шекеринска: Посетата на генералниот секретар на НАТО е порака сама по себе

15.01.2018 16:28

Посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг е порака сама по себе. Во изминатите шест месеци ја вративме Македонија на евроатлантската патека, изјави министерката за одбрана. Шекеринска тврди дека има со што да се пофалиме. Столтенберг во земјава е в среда и четврток. Ќе се сретне со државниот врв и ќе се обрати во Собранието...

Поради пасивноста на претходната владина политика, проблемите за Македонија се мултиплицираа во однос на исполнувањето на критериумите за членство во Северноатлантската алијанса, оцени министерката за одбрана Шекеринска. Пред претстојната посета на Столтенберг на 18-ти јануари, Македонија може да се пофали со сработеното во областа на одбраната, но и да ги предочи идните планови.

„Главната цел на посетата на генералниот секретар на НАТО е да чуе и од наша страна, од Република Македонија што е она што сме го сработиле, но и да чуе какви се нашите планови. Во делот на одбраната имаме со што да се пофалиме. Пред генералниот секретар ќе излеземе со податоци за зголемен буџет во одбраната, со веќе зголемено учество на Армијата во НАТО мисијата во Авганистан, кое што беше еден од приоритетите на генералниот секретар пред само неколку месеци, и со нови политики на транспарентност и интегритет кои покажуваат дека Македонија за да биде вистинска членка на НАТО, прво треба да ги обезбеди нив во своето функционирање“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Новоиздадената еврообврзница е со ниска каматна стапка поради можноста Македонија да стане членка на НАТО, додаде Шекеринска. Годинава се обезбедени средства за покачување на платите на вработените во Армијата, за нови униформи и за дополнителен број професионални војници.

Шекеринска посочи и дека јавноста и пристапот до недоверливи информации, особено за јавните набавки или службените патувања, стануваат приоритет на министерството при справувањето со можната корупција.

Зоран Богатинов