Напаѓачот на Шекеринска ќе бара намалување на казната
На јавна седница во скопска Апелација преку неговиот адвокат ќе бара намалување на казната. Во жалбата на адвокатот, обвинетиот се жали и на квалификацијата на обвинението откако ја призна вината.

Панче Ангелов, кој на 27-ми април лани во Собранието ја нападна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на јавна седница во скопска Апелација преку неговиот адвокат ќе бара намалување на казната. Во жалбата на адвокатот, обвинетиот се жали и на квалификацијата на обвинението откако ја призна вината.
Ангелов беше обвинет за насилство и беше осуден на казна затвор од четири години. Судијката при изрекувањето на неговата пресуда наведе дека во одредувањето на висината на казната преовладуваат отежителните околности.
За делото за кое одговара Ангелов според Кривичниот законик предвидена е казна затвор од три до десет години, но со казната која ја доби напаѓачот на Шекеринска, судот смета дека ќе се постигнат целите на казнувањето, дека тој нема да го повтори делото, а ќе се превенира извршување на насилство и од други граѓани.
