Папа Франциск: Светот е на раб на нуклеарна војна
Папата Франциск e сериозно загрижен од опасноста од нуклеарна војна. Рече дека е доволен само еден инцидент кој ќе доведе до војна и предупреди дека поради тоа треба да се уништи оружјето и светот да се стреми кон нуклеарно разоружување.

Папата Франциск е сериозно загрижен од опасноста од нуклеарна војна. Предупреди дека светот е на работ на војна. „Мислам дека сме на самата граница. Навистина се плашам од тоа“, изјави папата. Смета дека еден инцидент е доволен за да почне војна. Предупреди дека треба да се уништи оружјето и светот да се стреми кон нуклеарно разоружување.
Папата Франциск ја даде изјавата во авионот на пат кон Перу и Чиле каде што е во посета откако властите на Хаваите издадоа лажна тревога за ракетен напад, што предизвика паника во таа американска држава, но и потсети на зголемениот ризик од неочекувана нуклеарна војна со Северна Кореја.
„Три дена ќе присуствуваме во едната земја, уште три во другата. За мене нема да биде толку тешко во Чиле, бидејќи студирав таму една година и имам многу пријатели. Добро ја знам земјата. А, што се однесува до Перу, сум бил само два или три пати на состаноци“- рече папата Франциск.
На присутните новинари во авионот ватиканските службени лица им поделиле фотографија од 1945 година на која едно јапонско момче го носи својот мртов брат по американскиот нуклеарен напад на Нагасаки. Папата изјави дека сака таа фотографија да се испечати во милијарди примероци и да се подели на секого на овој свет, за да потсетува на ужасите што ги носи нуклеарното вооружување.
Во меѓувреме група за правата на ЛГБТ заедницата одржа протест во Сантијаго во момент кога Франциск пристигна во Чиле во својата прва посета откако стана папа во 2013 година. Групата протестира поради неговата одлука да назначи епископ кој бил близок со најозлогласениот педофилски свештеник од андската нација.
Марина Ристова
