Ванкувер, Канада

Се бара решение за Корејската криза

16.01.2018 12:58

Меѓународен министерски самит во Канада за Корејската криза. Тензиите на полуостровот се намалија откако двете кореи воспоставија директен контакт, пред сѐ, поради учеството на Зимската олимпијада чијшто домаќин е јужнокорејскиот град Пјеонгчанг. Усовршувањето на нукеларната програма на Ким Јонг Ун е меѓу приротетните прашања на глобалната политичка сцена.

Делегации од 20 земји во канадскиот град Ванкувер се обидуваат да најдат решение за конфликтот со владата на Северна Кореја. Домаќини на меѓународниот самит на кој не присуствуваат Кина и Русија, се и САД, кои според некои медиуми, не поканиле претставници од овие две земји. Како втора можна причина за отсуството, медиумите наведуваат и дека делегатите ја одбиле поканата од Канада. Присутните се оптимисти дека самитот ќе резултира со доволно силен притисок врз владата во Пјонгјанг да продолжи дијалогот со официјален Сеул за многуте нерешени прашања.

„Јужна Кореја е среќна земја зашто има една од најискусните дипломати во светот. Одлично е што е функционер во вака важно време за светот. Благодарна сум што дојдовте со вашиот тим“, изјави Кристија Фриленд, министер за надворешни работи на Канада.

Санкциите за Пјонгјанг се меѓу главните теми на разговорот. Американските власти инсистираат да продолжи соработката во пресретнувањето на бродови кои придонесуваат за прекршување на резолуциите од Советот за безбедност, како што е ограничувањето на извозот на нафтени деривати на север, и забрана за транспорт на производи до и од пловилата со севернокорејско знаме. Експертите тврдат дека средбата ќе мине со смирен тон и внимателна и одмерена реторика, пред сѐ, за да не се загрози прогресот во односите меѓу двете Кореи.

„Фокусот е на зацврстување на резолуциите кои се однесуваат на нуклеарната програма на Северна Кореја. Приоритет е да се обезбедат солидарност и спроведување на строги санкции. Ограничената листа на гости е можност партнерите на САД да ја испровоцираат администрацијата на Трамп да ги прошири директните разговори со владата во Пјонгјанг во однос на нуклеарното прашање“, вели Френк Џанузи, директор на фондацијата „Мансфилд“.

Усовршувањето на нукеларната програма на Ким Јонг Ун е со месеци едно од приоритетните прашања на глобалната политичка сцена.

Маја Филдишев