Здравство

Состојбата со грипот не е алармантна

16.01.2018 14:22

Состојбата со грипот не е алармантна, смируваат лекарите. Сепак се апелира на претпазливост, бидејќи за една недела за учениците почнува второто полугодие. Важна е превентивата, но терапија не треба да се дава на своја рака.

Состојбата со грипот засега не е алармантна. Сепак, лекарите очекуваат значително зголемен број пациенти по завршувањето на зимскиот распуст, кога учениците ќе се вратат во клупите. Колективниот престој овозможува побрзо ширење на вирозите и на инфекциите. Лекарите објаснуваат дека сѐ уште доминираат настинките и советуваат оти е важна превенцијата, бидејќи грипот брзо се шири.

„Превенцијата и за возрасните и за децата е иста. Редовно миење на рацете во текот на денот, се советуваат родителите почесто да им укажуваат на децата, да се проветруваат училишните простории и просториите од затворен карактер. Нивото на превенција да се подигне со засилен тип на исхрана, со поголем внес на течности за да не се наруши електролитниот дисбаланс во организмот“, изјави д-р Соња Ралева,  специјалист по општа медицина во Поликлиника „Бит Пазар“.

Симптомите се зголемена температура, малаксаност, болки во зглобовите и мускулите, намален апетит. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во првата недела од месецов речиси 250 граѓани побарале лекарска помош. Важно е навреме да се реагира и да се оди на контрола.

„Не изглегувам надвор, пиеме чаеви, витамини.“

„Зеленчук, супи, мора некако да се заштитиш. И повеќе дома седам.“

„Пијам чаеви, лимони...“

„Со добра мисла, ако сме опседнати, болеста ќе не фати, ќе ја довикаме, сега за сега немам проблеми“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Граѓани сѐ повеќе се вакцинираат против сезонските вируси. Лекарите советуваат- родителите да не ги пуштаат болните деца во градинка или во училиште и потребната терапија да не им ја даваат на своја рака.

Лани не се прогласи епидемија на грип. Поради големиот број на заболени, надлежните го пролонгираа стартот на второто полугодие.

 

Андријана Атанасовска