Напаѓачот на Шекеринска бара условна казна
Панче Ангелов кој на 27-ми април лани во Собранието ја нападна министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во скопска Апелација преку неговата одбрана, побара условна казна. Адвокатот пред судиите рече дека не се ценети олеснителните околности при одредување на висината на казната. Ангелов беше обвинет за насилство и осуден на казна затвор од четири години.

„Судот неправедно ме осуди на голема казна. Не употребив сила, ниту кон Заев, ниту кон Шекеринска“- рече на јавната седница во Апелација, Панче Ангелов, првостепено осуден за нападот врз пратеничката. Остана на ставот дека кога ја фатил за коса сакал да ја заштити, а не да ја повреди.
Од повисокиот суд побара- казната од четири години затвор за „насилство“ да биде заменета со условна. Неговиот бранител смета оти е потребна поинаква правна квалификација за делото за да се намали казната, којашто според него е престрога. Обвинителот Јован Цветановски, пак, на јавната седница побара да се одбие предлогот на осудениот.
При изрекувањето на пресудата во Кривичен, судијката рече дека при одредувањето на казната преовладувале отежителните околности. Ангелов тогаш призна вина, рече оти се кае за стореното, и побара да не оди во затвор. По јавната седница, Апелација треба да ја донесе одлуката.
Игор Панов
