Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг во дводневна посета на Македонија

17.01.2018 09:00

При последната средба со премиерот Заев во седиштето на Алијансата во Брисел, генералниот секретар изјави дека вратата на НАТО останува отворена и дека ја поддржува Македонија на патот за членство во сојузот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска пристигнува во дводневна посета на Македонија. Ќе има средби со државниот врв и со лидери на политички партии.

Според најавите, тој ќе се сретне со претседателот Ѓорѓе Иванов, министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, како и со лидерите на политичките партии. Утре Столтенберг ќе се обрати пред пратениците во Собранието и ќе одржи заедничка прес- конференција со премиерот Зоран Заев.

При последната средба со премиерот Заев во седиштето на Алијансата во Брисел, генералниот секретар изјави дека вратата на НАТО останува отворена и дека ја поддржува Македонија на патот за членство во сојузот.

По три години, ова е прва посета на генерален секретар на Алијансата на земјава. Во мај 2014-та година, во Македонија беше тогашниот прв човек на НАТО, Андрес Фог Расмунсен.