Борисов во ЕП: Бугарија и Македонија се пример за тоа како можат да се решат проблемите

17.01.2018 12:58

Бугарија и Македонија илустрираа вистински пример за тоа како можат да се решат проблемите, користејќи тактика и добра волја- изјави премиерот на Бугарија, Бојко Борисов пред Европскиот парламент во Стразбур. Детално ги претстави четирите приоритети за време на бугарското претседателство со Советот на Европската унија и изрази надеж дека Ммакедонско-грчкиот спор наскоро ќе биде решен, и Македонија во брзо време ќе стане членка на НАТО и на ЕУ...

Како никогаш досега, при претставување на едно претседателство со Европската унија, претседавачот не му посвети толку големо внимание на земјите од Западен Балкан и посебно на Македонија, како што тоа денес го направи во Европскиот парламент во Стразбур, бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Говорејќи за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, Борисов јасно рече дека за време на овај мандат на Европската комисија нема да има нови земји членки на Унијата, но треба ЕУ да им даде до знаење на земјите од Западен Балкан кога ќе бидат прифатени во Унијата. Посочувајќи на вчерашното убиство на лидерот на косовски Срби во Митровица, тој нагласи како еден истрел во Косово повторно го вознемири целиот Балкан.

Борисов, притоа нагласи дека Македонија и Бугарија се вистински пример за решавање на проблемите, откако двете земји се согласија на потпишување на Договорот за добрососедство.

„Договорот, кој со години беше одолговлекуван, неодамна беше потпишан и ратификуван од македонскиот Парламент, се надевам дека следната недела тоа ќе го направи и бугарскиот“, рече Борисов.

Претседавачот со ЕУ изрази и надеж дека Македонско- грчкиот спор наскоро ќе биде решен и дека Македонија во брзо време ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.

„Сега е време да му се даде перспектива на Балканот. Стабилноста на Балканот е директно поврзана со стабилноста на Европа“, рече Борисов, предупредувајќи на опасностите од исламскиот екстремизам кој може да најде плодна почва во нашиот регион.

Освен иднината на Западен Балкан, како еден од приоритетите,  Борисов пред Европскиот парламент претстави уште три точки кон кои ќе се осврне Бугарија за време на претседавањето. Рече дека неговата земја ќе се заложи за иднината на Европа и на младите луѓе во Европа,  безбедноста и стабилноста на Европа и развојот на дигиталната економија во Унијата.

Претседателот Европската комисија, Жан Клод Јункер му изрази желба за успех во реализирањето на приоритетите, велејќи дека кон крајот на февруари и почетокот на март ќе направи турнеја низ земјите од Западен Балкан.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ