Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во дводневна посета на Македонија

17.01.2018 14:40

Вечерва и утре во Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Предвидени се средби со претседателот Иванов, премиерот Заев и министерката за одбрана Шекеринска, спикерот Џафери. Утре напладне на 31-та парламентарна сесија, Столтенберг ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија. Во агендата на Столтенберг се предвидени и средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Мицковски и Ахмети.

НАТО за првпат во некоја друга земја ќе ја интонира својата химна и тоа паралелно со македонската за време на посетата на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Од него, во Владата очекуваат увид во сработеното, но пред сѐ потврда на неодамнешните, квалитетни потези со кои Македонија заслужи да стане членка на НАТО.

Иако поканата за прием, најмногу зависи од разговорите на посредникот Нимиц за разликата за името, односно грчкиот став, сепак на Столтенберг ќе му биде претставена високата процентуалност на анкетираните во земјава во прилог на членството.

Ова е НАТО поддршка за новата Влада, поради поголемиот дел од исполнетите реформи од Пакетот 3-6-9 , во кој првиот сегмент е реализиран, а во првиот квартал ќе бидат претставени и три месеци од полугодишниот план. Посетата на Столтенберг, велат во Владата, е импулс за домашната и за регионалната стабилност.

„Посетата ја гледаме како можност на Македонија да се претстави во поинакво светло- како држава која ги решава своите проблеми, како држава која работи на својот приоритет и како држава која реално верува дека членството во НАТО и во Европската унија значат поголема сигурност и поголем проспериотет на граѓаните на Република Македонија“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во областа на одбраната се реализираат поставените цели, ќе се зголемува буџетот за 0,2% во периодот 2019-2024, се зголемува учеството на АРМ во Авганистан за 20 насто, на барање на Алијансата, а се испраќаат и уште два македонски сини шлемови во мировната мисија во Либан.

Во Владата потсетуваат дека за национален консензус за евроатлантските интеграции е неопходна и соработка со опозицијата. Столтенберг утре ќе има средби со државниот врв, со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, ќе се обрати во македонскиот законодавен дом, а ќе има и заедничка прес- конференција со премиерот Заев.

 

Зоран Богатинов