Судењето за случајот „Тврдина- Таргет“ одложено за 27-ми март

17.01.2018 14:49

Судијата Горан Бошевски побарал изземање од случајот „Тврдина- Таргет“, затоа што го оценувал обвинението во претходната фаза од постапката. Новиот судија треба да се запознае со предметот, па затоа процесот се одложи за 27-ми март. Во овој предмет меѓу обвинетите се и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Во меѓувреме судот ќе ја чека и екстрадицијата на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски кои се притворени во Грција.

Екс- министерката Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков седнаа на обвинителна клупа за случајот што го отвори Специјалното обвинителство за масовното прислушување. Сепак, рочиштето се одложи. Еден од судиите побарал изземање, затоа што бил дел од советот за оценка на обвинението, што според Законот, не му дозволува да биде дел и од овој судечки совет.

Нов термин за отпочнување на главнта расправа е 27-ми март, до кога се очекува во земјава да бидат испорачани Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во екстрадициски притвор во Грција и се обвинети во случајот „Тврдина – Таргет“. Нивниот бранител информира дека за нив се водат повеќе постапки.

Василев вели дека органот во соседната земја што треба да решава по нивните барања за азил нема грчко- македонски преведувач, поради што одлучувањето е одложено на неопределно време. Адвокатот вели и оти на Грујевски и Бошкоски не може да им се суди во Македонија за фалсификуваните бугарски пасоши со кои беа уапсени на аеродромот во Солун.

Во предметот „Тврдина- Таргет“ се обвинети 12-мина. Едниот од нив минатата година се спогоди со обвинителството за што беше осуден на условна затворска казна.

 

Анита Димитријевска