Предлози за крупни измени во наставата
Министерството за образование и наука предвидува за учениците од прво до трето одделение, еден наставен час да трае 55 минути, во кој е вклучен и одмор во траење од 15 минути по секој наставен час. Учениците да немаат повеќе од 4 часa дневно, а вкупно да имаат шест предмети. Овие измени на наставните планови и програми за основното образование ќе бидат ставени на јавна дебата, а преку пилот- проекти во неколку училишта ќе се согледа нивната ефикасност.

Образование по терк на учениците. Ресорното министерство со работната група од професори и експерти ги изготвија новините во наставните програми и планови за прво, второ и за трето одделение.
За првачињата се предвидува да имаат четири часа дневно. Еден наставен час да трае 55 минути, од кои 15 се за одмор и игра. Наставниците треба да решат кога ќе ја дадат и реализираат паузата. Помалку тестови, воведување нов систем на следење и проверка на нивниот успех по вкупно шест предмети. Наместо домашна работа, ќе има вежби на час. Целта на реформите, како што рече министерката Дескоска, е да се поттикнат желбата за учење и љубопитноста кај учениците.
Според професори кои беа дел од работната група, главната намера е децата да учат низ игра, надвор од училница и повеќе да истражуваат. Учебникот повеќе нема да биде главно средство за наставниците, ќе треба да воведат нови современи модели на настава и учење, а се предвидени и обуки.
Согласно со планираните реформи, во класот не смее да има повеќе од 20 ученици. Голема поддршка ќе имаат децата кои имаат послаб успех. Од МОН велат дека ќе следат јавни дебати на кои ќе се слушне размислувањето на наставниците и на сите засегнати во процесот на реформи. Потоа би следувала и ревизија на учебниците што ќе треба да се усогласат со новите наставни програми и за второ и трето одделение и да се изготват нови учебници онаму каде што ќе има потреба.
Примената на наставните програми ќе стартува од септември, или најпрво ќе биде пилот- проект во неколку училишта. Со почетокот на реформите повеќе нема да важи Кембриџ-програмата.
Викторија Милевска
