Здравство

Двојно зголемен бројот на заболени од алергии

17.01.2018 15:31

Од алергии има последици по здравјето секој трет или четврти Македонец- изјави универзитетскиот професор Дејан Докиќ, на промоцијата на учебникот за алергологија. Според него, бројот на заболени е двојно зголемен во однос на 2003-та. 90 насто од алергиите отпаѓаат на полен од трева и корови и алергени од домашна прашина.

Алергиите земаат сѐ поголем замав, секој трет или четврти граѓанин страда од одредена реакција.  Доктор Дејан Докиќ, кој претстави учебник за ова, очекува бројката на пациенти да се зголемува, бидејќи аерозагадувањето дополнително ги влошува симптомите. Расте бројот на оние кои бараат помош на Клиниката за пулмологија. 

„Имаме тренд на двојно зголемување, од 11,5 проценти  сега имаме 25,1 процент, а годинава овој тренд ќе биде уште поголем, тоа значи дека секој трет или четврт Македонец има алергиска манифестација. Од тука е и притисокот и потребата да се напише учебник каде што ќе можат сите лекари да се справат со сѐ поголемиот притисок и налив на пациенти кои имаат алергии“, изјави проф. д-р Дејан Докиќ- директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Драматичниот развој на алергологијата во изминатите години ја наметна потребата од постојано усовршување на лекарите и нивно запознавање со современите дијагностички и тераписки протоколи.   

„Ова се болести на 21 век кои ќе дојдат и кои ќе треба да ги изучуваме многу повеќе, бидејќи стануваат проблем за сите нас. Јас како дете се сеќавам дека имаше многу магла, но не беше толку загадено, сега имаме магла и ПМ честички“, изјави академик Момир Поленаковиќ.   

Според лекарите, деведесет проценти од алергиите припаѓаат на поленот од трева и алергени од домашната прашина.

 

Андријана Атанасовска