Државата треба повеќе да се грижи за дијаспората
Научници и експерти, учесници на меѓународната конференција „Охрид- Водици“ дискутираат на темата „Дијаспора, транснационализам и интеркултурни комуникации како нови форми на социјален капитал“. Тие од Охрид упатија апел за поголема грижа за дијаспората независно од глобализацијата...

Дијаспората има големи проблеми кога станува збор за запознавањето со македонското културно наследство, со образованието и заштитата на мајчиниот јазик, како и со вклучувањето во општествениот живот таму и во нашата земја. Во тој контекст државата веќе најави дека ќе има поагресивна политика за помош на дијаспората со нови форми и користење на технологијата и интернетот, за што има силна подршка од научната јавност.
„Сега има модерни начини на образование, јазикот може да се научи преку интернет. Ете тука и Агенцијата за иселеништво има неколку проекти што предлагаат да се спроведат преку агенцијата. Нормално треба да се ангажираат поголем број на учители од дијаспората, досега се носеа учители од Македонија. Меѓутоа треба да се најдат од дијаспората, да се тренираат, да се образуваат за да можат тие таму да држат настава на мајчиниот јазик“, изјави Рубин Земон, директор на Институтот на Евро-Балкан.
Според уставот правото на глас на иселениците е загарантиран, но политичките партии треба да постигнат консензус околу начинот на кој дијаспората ќе биде вклучена во изборниот процес.
„Согласно Планот 3-6-9 и реформи и измени во изборниот модел, сега се ќе зависи кој ќе биде изборниот модел. Дали ќе биде една изборна единица, дали ќе бидат три изборни единици или ќе останат на овие 6. А тоа веќе се решава на политичко ниво, каде што сите политички партии и од власта и од опозицијата треба да дојдат до компромис“, изјави Едмонд Адеми- министер за дијаспора.
Во рамките на конференцијата беше отворена изложба на ракотворби и предмети од традицијата на Турција, подготвена од Универзитетот „Селџук“ од Коња.
Сашо Нелоски
