Свечена академија во Собранието по повод 550 години од смртта на Скендербег
Во македонското Собрание се одржа свечена академија. Повод- 550 години од смртта на Ѓерѓ Кастриот- Скендербег...

„Пријател сум со доблеста, а не со судбината“- со цитат од неговото писмо до неаполскиот Крал Фердинанд, собранискиот спикер Талат Џафери ја почна академијата во чест на 550 годишнината од смртта на Ѓерѓ Кастриот- Скендербег. Оцени дека историјата ги запиша неговите лик и дело, кои станаа инспирација за големите поети, сликари, уметници, писатели низ вековите, тесно поврзани со стремежите и борбата на албанскиот и македонскиот народ за слобода и самостојност. Споменот на него да нѐ обединува- повика Џафери.
На Албанците и на регионот им е потребен Скендербег- рече директорот на Институтот за духовно албанско наследство. Тој е еден Ѓерѓ, христијанин, католик, православен, муслиман- Ѓерѓ на обединувањето.
Преку феудалната држава, Крушевскиот манифест, АСНОМ до Охридскиот рамковен договор, провејува скендербеговата идеја- тврдат историчари.
Во оваа прилика Македонски пошти ја промовираа двојазичната поштенска маркица со ликот на Скендербег. Прашан од новинарите, директорот на пошти Феадис Реџепи, одговори дека сѐ е според законот.
Фиљана Кока
