Реакции по убиството на Ивановиќ
Посмртните останки на убиениот лидер на косовските Срби, Оливер Ивановиќ префрлени во Белград. Полицијата ги прегледува и анализира снимките од безбедносните камери. Србија бара нејзините државни органи да се вклучат во истрагата. Дијалогот со Брисел е загрозен. Реакција и од Македонија. Владата повика на разум, бидејќи насилството и теророт не се решение...

По 18 месеци застој, дента кога требаше да продолжи Бриселскиот дијалог, во Косово е убиен Оливер Ивановиќ. Спрскиот шеф на делегацијата вели- не се враќаме на преговарачка маса додека не се расветли убиството.
„Не ни паѓа напамет, јас нема никогаш да седнам за преговарачкиот стол додека не ги добиеме одговорите за убиството на Оливер Ивановиќ“, изјави Марко Ѓуриќ директор на Канцеларијата за Косово.
Властите на Косово побараа дијалогот да продолжи, а косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека е зачуден од одлуката за сузпензија на бриселските разговори. Србија побара од ЕУЛЕКС учество во истрагата, но Косово веќе покрена истрага, во која се вклучени по еден Албанец и Србин.
Аналитичарот Душан Јањиќ смета дека со убиството на Ивановиќ се праќа порака дека е многу тешко да се надмине омразата, дека дијалогот и нормализација на односите не се посакувани, бидејќи ова убиство или ја менува политиката или води во конфликт.
„Убиството на Ивановиќ, има последици како што е застојот во техничкиот дијалог во Брисел или одбивањето на Косово на соработка во истрагата со Белград. Кризата е загарантирана. Белград не го положи првиот испит. Во јавноста е создадена претстава дека некој е силен па ги замрзнал преговорите, а всушност не ни влегол во преговарачката сала“, изјави Душан Јањиќ, директор на Форумот за етнички односи. Дека убиството на Ивановиќ и замрзнување на дијалогот имаат и поширока димензија потврди и премиерката Ана Брнабиќ која изјави дека-Состојбата е тешка и дека ова е голем удар и за Србија и за регионалната стабилност и безбедност.
Дали тензиите ќе се намалаат ќе дознаеме викендов по посетата на Александар Вучиќ на србите во Косово. Во меѓувреме, Владата на Македонија повика на разум, бидејќи насилството и теророт не се решение.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник до Белград за МРТ
