Иванов не го потпиша указот за Законот за јазици

18.01.2018 10:21

Претседателот Иванов нема да го потпише указот за Законот за употреба на јазиците. Вели - постои опасност од уставно редефинирање и загрозување на унитарноста и суверенитетот на Република Македонија. Бил донесен со европско знаменце без да постои европска директива за него, потенцира шефот на државата...

Претседателот Иванов не го потпиша указот за Законот за употреба на јазиците. Во своето обраќање до јавноста рече дека постапува одговорно и во согласност со Уставот. Посочи дека Собранието го изгласало Законот без јавна расправа и научна дебата, без учество на опозицијата, но со злоупотреба на европското знаменце за решението да помине со просто, а не со двотретинско мнозинство. Со овој Закон, Македонија ќе стане единствената европска држава која самата си поставува услови за членство во Унијата, кои никој не ги бара – рече Иванов.

„Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.  Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик. Затоа, имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската  и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците“– изјави Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија.

Претседателот Иванов си писмо го известил Собранието и ја образложил својата одлука. Побара пратениците да постапат совесни и одговорно за да се дојде со сеопфатно решение за употребата на јазиците. Сега, според членот 75 од Уставот, Собранието повторно го разгледува Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, тогаш претседателот е должен да го потпише указот.

 

Мартин Пушевски