Србија- Косово: Соработка во истрагата за атентатот на Ивановиќ
Лидерите на Србија и на Косово договориле соработка во истрагата за атентатот на Оливер Ивановиќ. Вучиќ викендов во посета на Косово. Поради влошената состојба, српската војска го предупреди КФОР дека ќе дејствува доколку се загрози безбедноста на нејзините граѓани. Осуда и сочувство за атентатот на лидерот на косовските Срби стигна и од Русија....

Во телефонски разговор, претседателот на Србија Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи се согласиле дека дијалогот на Србите и Албанците, како и заедничката работа на смирувањето и стабилизацијата на состојбата на Косово е од клучен интерес за двете страни. Потенцирале дека е неопходно да се најдат и да се судат атентаторите на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ. Вучиќ инсистирал Приштина да прифати учество на српските државни органи во спроведувањето на истрагата за убиството на Ивановиќ, а Тачи изразил подготвеност за соработка. Владата во Приштина дозволи српскиот претседател Вучиќ да го посети Косово викендов. Српската војска го предупреди КФОР дека ќе ги штити своите граѓани на Косово доколку биде загрозена безбедноста.
Реакции и осуда за атентатот на Ивановиќ стигнаа и од Русија.
„Изразуваме жалење за убиството на познатиот политичар и лидер на Србите во северниот независен регион на Косово. Овој начин на решавање на политичките прашања може да ги зголеми шансите за напади и повторно враќање на меѓуетничкиот конфликт. Ги повикуваме сите меѓународни сили на Косово да преземат соодветни мерки за да се избегнат инциденти. Се надеваме дека релевантните институции ќе спроведат темелна истрага со која ќе се откирјат и казнат виновниците“, изјави Алексеј Зајцев, Министерство за надворешни работи на Русија.
Полицијата го идентификувала сопственикот на запалениот автомобил од кој било пукано во Ивановиќ. Се работи за Австриец со српско потекло кој бил одамна починат.
Маја Филдишев
