Договорот за добрососедство ратификуван и во Бугарија

18.01.2018 14:50

Бугарското Народно Собрание едногласно го ратификува договорот за добрососедство и соработка со Македонија. Беше поддржан од сите параламентарни партии и на вчерашните седници на комисиите за надворешна политика и за европски прашања...

Националното Собрание на Бугарија едногласно го ратификува договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија. Во салата беше присутен и македонскиот амбасадор во Бугарија, Маријан Ѓорчев.

„Нема зошто интересите на Бугарија да бидат поразлични од тоа да имаме стабилна и демократска Македонија. Сакам да ги смирам и оние што имаат задршки во однос на текстот на договорот, коишто се совпаѓаат со забелешките и на опозицијата во Македонија која до скоро водеше антибугарска кампања. Исполнувањето на договорот течеше и пред ратификацијата“, изјави Екатерина Захариева, министер за надворешни работи на Бугарија.

На 15-ти јануари македонскиот Парламент со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласа Предлог- законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, што на 1-ви август лани го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно со меѓународното право, основни принципи на кои се темели договорот, потенцираа двајцата премиери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која не присуствуваше во Собранието при ратификацијата е со став дека договорот е асиметричен и е штетен за Република Македонија. Неговата примена ќе значи промена на историјата на земјава. Со овој договор власта ѝ дава отворена можност на Бугарија да ја блокира Македонија во кој било дел од преговорите со Европската унија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, пак, договорот е во согласност со националните и државните интереси и ја подобрува меѓународната позиција на нашата земја.

 

Наташа Јанчиќ