Политика

Реакции по одлуката на Иванов да не го потпише указот за Законот за јазиците

18.01.2018 15:52

За вицепремиерот Османи, одлуката на претседателот Иванов да не го потпише указот за употребата на Законот за јазиците е разорачувачка. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека Иванов добро ги аргументирал своите ставови. Се огласија и другите партии...

Очекувана, но разочарувачка- вака вицепремиерот Бујар Османи ја оцени одлуката на шефот на државата Ѓорге Иванов да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Како кохезивен центар на општеството, Претседателот треба да ги спои етничките заедници и различните општествени групи и да испрати порака, но Иванов таа улога не ја одигра, изјави Османи.

Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката на Претседателот, кој рече дека Законот е неуставен и води кон скап паралелизам и блокада, е добро аргументирана.

За СДСМ, Иванов е против концептот на едно општество за сите. Од ДУИ сметаат дека шефот на државава останал претседател на една партија, а не и на сите граѓани. БЕСА, пак, смета дека Законот не е противуставен.

Иванов, во своето обраќање посочи дека Собранието го изгласало Законот без јавна расправа и научна дебата, без учество на опозицијата, но со злоупотреба на европското знаменце за решението да помине со просто, а не со двотретинско мнозинство.

Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците на 11 јануари. По одбивањето на Иванов да не го потпише указот, Собранието повторно ќе го разгледува на пленарна седница.  

 

Анита Димитријевска