САД

Една година од мандатот на Трамп

18.01.2018 15:58

Мандатот на Трамп почна со одлуката за забрана во САД за државјаните од неколку муслимански земји, а првата година на власт ја завршува со скандалот со книгата „Оган и бес“. Неговите одлуки и изјави ги полнат насловните страници, а политиката на најголемата светска сила ја смени насоката на неколку фронтови...

Само една недела по влегувањето во Белата куќа, претседателот Доналд Трамп воведе забрана за влез на граѓани од држави со мнозинско муслиманско население. Судовите ја забранија уредбата, и двете модифицирани верзии. Усвоена беше третата верзија која забранува влез на граѓани од Иран, Либија, Сирија, Јемен, Сомалија и Чад, но поради поднесените жалби, правната битка продолжува и натаму.

Втор неочекуван потег беше и отпуштањето на директорот на ФБИ Џејмс Коми, кој ја водеше истрагата за наводното руско мешање во неговата изборна кампања со цел да се порази Хилари Клинтон. 

Светот се изненади и од повлекувањето од Парискиот климатски договор иако еколошките здруженија, странските државници, па и неговата ќерка Иванка го предупредуваа да не го стори тоа. Трамп смета дека договорот е штетен за американското земјоделство.

Во првото обраќање во Генералното собрание на Обединетите Нации, Трамп го критикуваше севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун. Вербалната војна се интензивираше кон крајот на минатата година поради нуклеарните проби на Пјонгјанг.

„Ниедна земја во светот не сака оваа банда криминалци да поседува нуклеарно оружје. САД имаат голема сила, но и трпение. Ако треба да се браниме себеси и сојузниците, ќе мора целосно да ја уништиме Северна Кореја. „Ракетџијата“ е во самоубиствена мисија“, изајви американскиот претседател, Доналд Трамп.

Драстично го смени законот за данок и успеа да ја порази програмата за здравствено осигурување „Обамакер“ на неговиот претходник.

За Блискиот Исток ветуваше дека умее да воспостави траен мир, но со прогласувањето на Ерусалим за израелска престолнина го докажа спротивното и радиклано ја смени американската политика за овој регион.

Насловните страници ги полнеше и разделбата со главниот стратег на Трамп, Стив Бенон. По објавувањето на книгата на Мајкл Вулф „Оган и бес“ во која се обелоденети скандалозни изјави на Бенон за претседателот, Трамп ја прекина соработката со него. Вулф, кој минал неколку месеци во Белата куќа, го опишува Трамп како дефокусиран, дезинформиран и нестабилен претседател.

„Сите околу него се согласни за една работа. Сите го опишаа како мало дете чии барања мора веднаш да бидат исполнети. Се мора да се врти околу него. Дури и кога многумина му велат да не прави нешто, тој не се повлекува“, вели Мајкл Вулф, автор на „Оган и бес“.

На негативните коментари, претседателот возврати преку профилот на Твитер, каде што се претстави како „стабилен и генијален човек“. Покрената е и правна постапка против авторот и издавачот на книгата.

Поради шпекулациите за неговото психичко здравје, беше извршен медицински преглед во кој единствената забелешка беше прекумерната тежина на Трамп.

 

Маја Филдишев