Конструктивни средби на претставниците на партиите со Столтенберг
Конструктивна и содржајна- вака претставниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ ги оценија средбите со Столтенберг. За Социјалдемократите, генералниот секретар испратил порака дека земјава е на вистинскиот пат. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека информирале дека се посветени на стратешката определба на Македонија за членство во НАТО, но информирале и за политичкиот прогон на опозицијата. За интегративците, членството на Македонија во НАТО е фактор за стабилност во регионот...

Ќе ги поддржиме сите чекори што ќе ја приближат Македонија кон членството во НАТО, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, по средбата со Генералниот секретар на НАТО. Оцени дека состанокот бил добар и конструктивен. Вели дека Столтенберг ѝ се заблагодарил на партијата за се што направила досега за интеграцијата на Македонија во Алијсаната. Информирал за политичкиот прогон на претставници на опозицијата.
За координаторот на пратеничката група на СДСМ,Томислав Тунтев, говорот на Столтенберг е потврда за вистинскиот пат по којшто се движи Македонија. Вели дека Алијансата силно ги подржува реформските процеси кои ги спроведува парламентарното мнозинство, со цел земјава побрзо да се интегрира во ЕУ И НАТО.
Столтенберг пренесе порака дека НАТО ќе ја почитува волјата на мнозинството граѓани за членство во Алијансата, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со Генералниот секретар. Вели дека се благодарни за сѐ што НАТО има придонесено за државата.
Заедничка оценка на сите политички партии е дека Столтенберг им порачал дека вратите на НАТО за Македонија се отворени ако се реши проблемот со името, но потенцирал дека земјава е таа која треба да ги донесе одлуките.
Игор Панов
