Во Белград погребан Оливер Ивановиќ
Србија сѐ уште го чека одговорот од Косово за вклучување во истрагата за убиството на лидерот граѓанска иницијатива „Слобода, демократија, правда“. Во телефонски разговор претседателите Вучиќ и Тачи се согласија дека дијалогот е од клучно значење за двете страни и дека тој треба да продолжи.

Во Алејата на заслужни граѓани на Новите гробишта во Белград погребан е Оливер Ивановиќ- лидерот на опозиционата Граѓанска иницијатива „Слобода, демократија, правда“ и еден од најзначајните лидери на косовските Срби, кој беше убиен пред два дена во Косовска Митровица.
Покрај фамилијата на погребот од Оливер Ивановиќ, се збогуваа и пријателите и илјадници граѓани од цела Србија. Во мачна атмосфера и со болка, Србија се обедини, а на погребот почит му одадоа и од Власта и од опозицијата.
Владината делагација со повеќе министри ја предводеше премиерката Ана Брнабиќ и директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ. Тука беа и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, како и поранешните претседатели Томислав Николиќ и Борис Тадиќ, како и лидерите на опозицијата Саша Јанковиќ, Вук Јеремиќ, Драган Шутановац, Драган Ѓилас и други личности од јавниот, политичкиот и културниот живот.
На погребот немаше говор на политичарите, а од Ивановиќ во името на фамилијата се збогува неговата пријателка, светската првенка во карате Тања Петровиќ која порача дека Ивановиќ не е минато, туку сегашност и иднина.
Претседателот Александар Вучиќ ќе му оддаде почит на Оливер Ивановиќ на местото на неговот убиство во Косовска Митровица, за време на неговата посета викендов на Косово.
На барање на фамилијата на убиениот Оливер Ивановиќ, тој е погребан во Белград, а неговата сопруга Милена изјави дека никогаш повеќе нема да се врати на Косово.
Досегашната истрага на Косовските власти утврди дека тој е убиен со шест куршуми, откриено е запаленото возило од кое е извршено убиството, а пронајдени се и видео материјали од камерите блиску до местото на злостоството.
Србија сѐ уште го чека одговорот од Косово за вклучување во истрагата, а синоќа во телефонски разговор претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи се согласија дека дијалогот меѓу Србите и Албанците е од клучно значење за двете страни и дека тој треба да продолжи.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
