Столтенберг: Прашањето за името мора да се реши
Македонија ги заслужува евроатлантските перспективи, Владата создава услови за создавање национален консензус за завршување на нашата интеграција- премиерот Заев по средбата со Столтенберг. Генералниот секретар побара конструктивна соработка со опозицијата...

Вашите заложби за влез во Алијансата, без решен спор за името, се залудни- дециден генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, при неговата прва посета во Скопје. Пред околу половина час заврши средбата со премиерот Заев. Столтенберг беше дочекан со највисоки почести. Премиерот Зоран Заев на прес- конференцијата изјави дека верува дека сме на вистинскиот пат да станеме 30-та земја- членка на НАТО. Тој рече дека Македонија ќе продолжи со реформите и дека нема да ја изневери организацијата.
„Знам дека вашата земја се соочува со предизвици и дека реформите не се лесни, но можат да се спроведат, затоа ги поттикнувам сите, конструктивно да работат во интерес на сите ваши граѓани и ја поттикнувам владта, конструктивно да соработува со опозицијата, и опозицијата конструктивно да соработува со владата. Овие реформи се од суштинска важност, ве поттикнувам да продолжите по патот на реформите. Сакаме да успеете“, нагласи првиот човек на Алијансата, Столтенберг.
„Убедени сме дека нашата земја ги заслужува евро- атлантските перспективи. Сериозно мнозинство од нашите граѓани посакуваат членство во ЕУ и во НАТО. Во име на граѓаните, го уверив господинот Столтенберг дека Република Македонија секогаш ќе дава позитивен придонес за сите иницијативи кои ќе донесат поширока и подобра соработка во регионот. Владата на РМ создава услови за градење национален консензус со сите клучни и одлучувачки политички субјекти за завршување на нашата интеграција во НАТО. Силно сме посветени на процесот на домашните реформи кои ја унапредуваат и зајакнуваат демократијата“, истакна премиерот Заев на прес- конференцијата.
Дека присуството на генералниот секретар на НАТО во Скопје не е од протоколарен, туку од суштински карактер, покажува и тоа дека доаѓа во време кога за името се водат интензивни преговори.
Генералниот секретар на НАТО и премиерот, истакнаа дека и покрај последните инциденти во регионот, уверуваат дека истиот не е повеќе „буре барут“ и дека е стабилен. Нагласија дека НАТО ја следи ситуацијата и се труди регионот да остане мирен.
