Заев: Решението за името ќе биде достоинствено
Заев е оптимист, верува дека ќе се изнајде решение за проблемот што Грција го има со уставното име на Македонија. Вели дека со тоа ќе се сочува достоинството и на двете страни...
Премиерот Заев е оптимист, верува дека ќе се изнајде решение за проблемот што Грција го има со уставното име на Македонија. Вели дека со тоа ќе се сочува достоинството и на двете страни, што ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји.
„Верувам дека помеѓу две земји кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поголеми пријатели, ќе се изнајде решение каде што ќе се сочува достоинството на двете страни, и буквално ќе биде придобивка за иднината на граѓаните на двете земји“, изјави премиерот Заев.
Претседателот на Владата не сакаше да ја коментира суштината на понудената рамка на медијаторот Метју Нимиц, за како што рече, да не се наруши процесот на разговори. Сите одлуки кои ќе се донесат ќе бидат проверени на референдум. И ние, и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии имаме или исти, или прближни ставови по тоа прашање, рече Заев. Тврди дека се води грижа за нашиот идентитет, за достоинството на нашиот народ, но мораме, како што рече, да водиме грижа и за сегашните и за идните генерации.
„За суштината на предлозите, на разговорите, на рамката којашто е испорачана, не би требало јавно да зборуваме, за да не ги уништиме шансите во преговорите. Гледате дека се води транспарентен процес, знаете дека сакаме со национален консензус да го изградиме решението на ова прашање, и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат. Јас сум убеден, ако бидеме внимателни, ако водиме грижа и за грчката страна, а грчката страна да води грижа за нашата сртана, верувам дека ќе се најде решение за ова прашње кое не измачува 25 години, најмногу нас, граѓаните на Македонија“, нагласи премиерот Заев.
За премиерот Заев, изјавата на амбасадорот Наумовски дека понуденото од Нимиц е далеку од достоинствено решение, е негов личен став. Вели- луѓето слободно можат да коментираат.
В понеделник, Владата ќе го разгледува последниот сет идеи од Нимиц, кој од Њујорк најави посета на Скопје и на Атина. Заев потврди дека на 24-ти месецов, ќе оствари средба со својот колега Ципрас, за време на самитот во Давос.
Викторија Милевска
