Бојкот на наставата на цела паралелка во второ одделение во основно училиште во Ѓорче Петров

22.01.2018 14:32

Заврши тринеделниот зимски распуст, за учениците почна второто полугодие. 30 ученици на паралелка од второ одделение во училиштето „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ во Ѓорче Петров ја бојкотираа наставата. Родителите незадоволни поради одлуката за отпуштање од работа на неколку одделенски наставници. Сѐ е законски, им истекоа договорите на определено време, велат од општината и од училиштето...

По 22 дена распуст, детскиот џагор повторно се слушна низ училиштата. Основците најрадосни, средношколците стартуваа со подготовките за матурата. Камерата на МТВ беше со децата од V- 3 во скопското училиште „Кирил и Методиј“. На часот, преку инвентивни игри подготвени од наставничката, ги повторија лекциите по математика.

Второто полугодие почна за околу 270 илјади основци и средношколци, но не и во едно одделение во основото училиште „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ во општината Ѓорче Петров. Таму родители ја бојкотираат наставата. Не ги пуштаат децата на училиште поради незадоволство од смената на двајца одделенски наставници на кои не им бил продолжен договорот за работа на определено време. Бараат средба со градоначалникот Александар Наумовски. Тој преку соопштение реагираше дека процедурата за смена на наставниците е во согласност со законот и дека на местото на сменетите наставници што имале едногодишен договор за работа се поставени квалитетни одделенски наставници.

Од годинава, новини во наставната програма за првоодделенците. Ресорното министерство за време на распустот најави крупни промени. Нема домашна работа, ќе се редуцира тестирањето. Ќе има најмногу четири часа во денот и ќе траат 55 минути, од кои 15 за одмор и игра. Новините во образованието прво ќе се применат во неколку училишта како пилот- проект, а потоа ќе следува и нивна имплементација.

Викторија Милевска