Лани зголемен број на напади врз новинари
Во 2017-та регистрирани 18 нови напади врз новинари, од кои 13 се физички и вербални. 45 насто од новинарите имаат помали плати од македонскиот просек, а трпат и закани од сопствениците за отпуштање. Од ЗНМ велат дека нема подобрување ниту во економското законодавство кое не е целосно усогласено со европското...

Новинарите биле тепани, навредувани, прогласувани за предавници, добивале смртни закани, работеле во лоши економски услови- извештај за медиумите и безбедноста на новинарите за 2017-та година. Според Здружението на новинари во Македонија, медиумските работници во земјава работат во небезбедни услови, а институциите не успеале да казнат ниту еден од насилниците.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани вели дека најбрутален напад врз новинари имало на 27-ми април во Собранието кога биле физички нападнати со што биле попречени да известуваат за настанот. Претседателот на ЗНМ истакна дека за разлика од минатите години има подобрување во настапувањето на полицијата, во поглед на нападите врз новинарите, брзо ги идентификуваат напаѓачите, но предметите заглавуваат во Обвинителството.
Според податоците, 45 насто од новинарите имаат помали плати од просекот, а на мнозинството платите им доцнат. Селмани вели дека сопствениците ја искористуваат ваквата положба на новинарите и им се закануваат со отпуштање за да не ги критикуваат големите огласувачи.
Наташа Јанчиќ
