Стратегија за проширување

Се очекува Македонија и Албанија в година да ги почнат пристапните преговори со ЕУ

22.01.2018 15:48

Стратегијата за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе биде презентирана на 6-ти февруари, за време на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур. Се очекува, Македонија и Албанија в година да ги почнат пристапните преговори.

Стратегијата за проширување на Европската унија веќе е извесно дека ќе биде претставена на следната пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур, на 6-ти февруари. Во Стратегијата ќе има општи насоки за побрз процес на интеграција на сите земји од регионот со поконкретни одредници. Согласно временската рамка на Европската комисија, 2019-та ќе биде суштинска година за земјите од Западниот Балкан. Во текот на таа година се очекува Македонија и Албанија да ги отпочнат пристапните преговори со ЕУ.

Да потсетиме, Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер пред Европскиот парламент изјави дека земјите од Западен Балкан нема да пристапат во ЕУ до крајот на овој мандат на Европската комисија, бидејќи не ги исполнуваат потребните услови, а реформите се неопходни за влез во Унијата, но тие заслужуваат вистинска европска перспектива.

„Целта мора да биде јасно поставена. Целта е влез на Западен Балкан во ЕУ и тоа ќе се постигне кога ќе бидат исполнети условите“, рече Јункер во Стразбур.

По претставувањето на стратегијата за проширување, претседателот на Комисијата најави- во февруари и март ќе ги посети земјите од Западен Балкан.

„Сакам да ги слушнам нивните позиции. Сакам да им кажам какви се нашите очекувања од нив. Приклучувањето кон ЕУ не паѓа од небо, мора да се работи“, истакна Јункер.

Тој изјави дека сите гранични конфликти меѓу земјите од Западен Балкан мора да бидат решени пред нивниот влез во ЕУ. Во стратегијата на ЕУ, сигурно дека ќе стане збор и заедничките проекти со земјите од Западен Балкан од сферата на безбедноста, транспортот, миграцијата, дигитализацијата, енергијата, а владеењето на правото е еден од важните проекти. Тоа е основа на која е изградена Унијата, истакна Јункер.

„Тоа е темелна вредност и без владеење на правото, земјите не можат да влезат во ЕУ. Истото важи и за периодот по пристапувањето“, рече Јункер.

Европската унија, според аналитичарите од Стразбур нема друг избор, освен серизоно да им даде вистинска европска перспектива на земјите од Западен Балкан, Стратегијата е само една етапа во тоа.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ