Јавна седница во Апелација за притворот на пратеничката Пешевска
Во Апелација јавна седница за Жаклина Пешевска. Пратеничката тврди дека не сторила тероризам, ниту ја загрозила безбедноста на македонскиот народ. Побара да ѝ се укине домашниот притвор. Обвинителот смета дека жалбата треба да ѝ биде одбиена...

„Во животот немам сторено кривично дело, а најмалку тероризам. Не сум ги довела во опасност животите на другите пратеници, ниту македонскиот народ. Ме уапсија и по 16 часа со лисици на раце ми кажаа дека судијата не може да ме испраша поради мојот имунитет“, со овие зборови, пратеничката Жаклина Пешевска се бранеше во скопска Апелација. Побара да ѝ се укине мерката куќен притвор. Рече дека не помислува да ја напушти државата, вели оти се повредени правата на нејзините деца. Наведе оти е загрозена и нејзината и здравствената состојба на двете поголеми деца.
Вишата јавна обвинителката побара жалбата да биде одбиена и Пешевска да остане во куќен притвор. Според обвинителката, со мерката не се повредени законите, ниту меѓународни конвенции. Тврди дека во оваа фаза на постапката, осомничената треба да биде во куќен притвор.
Пратеничката Жаклина Пешевска е една од осомничените за собраниските настани од 27-ми април. Досега, Апелацискиот суд ги потврди одлуките на Кривичниот суд за сите други кои се опфатени во овој случај.
Наташа Гркова- Петрушевска
