Мнозинството ја повика опозицијата да се врати во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на Законот за јазици
Мнозинствотo со апел до опозицијата да се врати во Собранието. Од СДСМ на колегите од ВМРО-ДПМНЕ им порачаа дека државните и интересите на граѓаните треба да бидат над партиските. Од опозициската партија, пак, со повик до Владата да го повлече Законот за јазиците и да се формираат работни групи. Велат- потребен е дијалог за сите отворени прашања...

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно си праќаат пораки за дијалог и за конструктивност. Владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија ја повикаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Парламентот и да учествува во дебата по законите кои се носат со двотретинско мнозинство.
Социјалдемократите велат дека опозициската партија треба да ги надмине теснопартиските интереси и да се води од државниот интерес со цел да поминат законите кои се важни за реформските процеси во земјава.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак бара Владата да го повлече Законот за употреба на јазиците и да се формираат работни групи со претставници на сите парламентарни партии, експерти и претставник од Кабинетот на претседателот на државата. Според партијата, треба да се донесе ново законско решение кое нема да излегува од рамките на Уставот.
На седницата на Комисијата за политчки систем поминаа законите од областа на правосудството за кои што на пелнарна седница е потребно двотретинско мнозинство. Нивното донесување е потребно за патот на земјава кон евроатлантските интеграции.
Игор Панов
