Димитров во работна посета на Брисел

23.01.2018 08:40

Фокусот на посетата ќе биде остварување средби и разговори со носителите на одлуки. Димитров ќе оствари средби со заменик претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, со Еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт Тибор Наврачич, со генералниот директор за проширување Кристијан Даниелсон...

Министерот за надворешни работи Никола Димитров претстојува во работна посета на институциите на Европската унија, соопшти МНР. Фокусот на посетата ќе биде остварување средби и разговори со носителите на одлуки.

Се предвидува Димитров да оствари средби со заменик претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, со Еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт Тибор Наврачич, со генералниот Директор за проширување Кристијан Даниелсон, со претставници од кабинетот на Претседателот на ЕК, Јункер, како и со евро-пратеници. Разговорите ќе се одвиваат во контекст на евро-интегративните перспективи на Република Македонија во периодот што претстои.

Како што соопшти МНР,  Димитров ќе ја искористи можноста да ги запознае соговорниците за постигнувањата на Република Македонија во имплементацијата на реформската агенда, како и за унапредувањето на добрососетските односи, во пресрет на објавувањето на Стратегијата на претседателот на ЕК Јункер за проширувањето на ЕУ во февруари 2018- та, како и објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија во април 2018-та.